Add parallel Print Page Options

Против предрасудите

Пријатели мои, ако имате вера во нашиот славен Господ Исус Христос, нема да се однесувате спрема едни луѓе подобро, а спрема други полошо. Да претпоставиме дека на вашата богослужба доаѓа човек со златни прстење на раката, облечен во убава облека, а влегува и сиромашен човек во одрпана облека. Ако вие, гледајќи според облеката, му речете на човекот во убава облека: „Седни овде, на убаво место.“ - а на сиромашниот му речете: „Ти стој овде!“, или „Седни на подот!“, зарем со тоа не ги двоите луѓето, раководејќи се според неправедни мотиви!?

Послушајте ме, драги пријатели! Зарем Бог не ги одбра сиромашните од овој свет да бидат богати во верата и наследници на Царството што им го вети на оние што Го сакаат? А вие ги презирате сиромашните! Кој ве измачува, кој ве влечка по судови? Токму богатите! Зарем не се богатите тие што го навредуваат Божјото возвишено име што вие го носите?

Добро правите, ако го исполнувате Господовиот царски закон запишан во Светото Писмо: „Сакај го својот ближен колку што се сакаш себеси[a].“ Но ако спрема едни луѓе се однесувате подобро, а спрема други полошо, правите грев и според Светото Писмо вие сте престапници.

10 Дури и ако некој се придржува до целиот Закон, а згреши само на едно место, тој е виновник, како и оној што го прекршува целиот Божји Закон. 11 Зашто, истиот Бог, Кој рекол: „Не прави прељуба[b]!“, рекол и: „Не убивај[c]!“ Ако не си извршил прељуба, а си убил, ти си прекршител на Законот.

12 Зборувајте и постапувајте како луѓе што ќе бидат судени според милостивиот Закон што не ослободува! 13 Инаку, на Судниот ден Бог нема да има милост спрема оние што биле безмилосни спрема другите. Милоста ја поразува осудата[d].

Неделотворната вера е бескорисна

14 Драги пријатели, каква корист има да велите дека имате вера, ако тоа не се гледа од вашите постапки? Може ли таква вера да ве спаси? 15 Да претпоставиме дека некој ваш брат или сестра нема доволно облека или храна. 16 Дали е доволно да му кажете: „Оди си спокојно, Господ нека ти даде облека и храна!“, наместо да му го дадете она што му е неопходно за да преживее!? 17 Така е и со верата. Ако не е поткрепена со соодветни постапки, таквата вера е мртва вера.

18 Можеби некој ќе рече: „Некои луѓе имаат вера, а некои - дела.“ Покажете ми, како може да имате вера, а од тоа да не произлегуваат соодветни постапки, а јас, преку моите постапки ќе ви покажам дека имам вера. 19 Вие верувате дека има само еден Бог. Тоа е добро, но дури и демоните веруваат во тоа и се тресат од страв!

20 Зар не сакаш да сфатиш, површен човеку, дека од вера без дела нема никаква корист[e]!? 21 Врз основа на што Бог го прогласи за праведен, нашиот прататко Авраам? Зарем тоа не беше преку дела, кога го стави својот син Исак врз жртвеникот? 22 Гледате ли дека неговата вера беше сообразена со неговите постапки? Со таа своја постапка тој потврди дека има совршена вера. 23 Токму на тоа се мисли кога Светото Писмо вели: „Авраам[f] Му веруваше на Бог и заради неговата вера Бог го прогласи за праведник“, па го нарече и Свој пријател.

24 Значи, очигледно е дека човек станува праведен пред Бог преку своите постапки, а не само преку вера. 25 Така беше и со блудницата Рахаба. Бог ја прифати како праведна, зашто таа ги прифати израелските разузнавачи и ги упати на безбеден излез.

26 Како што телото без дух е мртво, така и верата без соодветни дела е мртва.

Footnotes

  1. Јаков 2:8 3 Мој. 19:18.
  2. Јаков 2:11 2 Мој. 20:14; 5 Мој. 5:18.
  3. Јаков 2:11 2 Мој. 20:13; 5 Мој. 5:17; Иса. 41:8.
  4. Јаков 2:13 Или: Биди милостив, та на Судниот ден Бог да биде милостив спрема тебе.
  5. Јаков 2:20 Во некои ракописи: вера без дела е мртва.
  6. Јаков 2:23 1 Мој. 15:6.