Add parallel Print Page Options

Исус како добар Пастир

10 Ве уверувам дека, штом некој не влегува низ вратата на трлото, туку се обидува да прескокне на друго место, тој е крадец и разбојник. Вистинскиот пастир на овците влегува низ вратата. Нему вратарот Му отвора. Овците го слушаат Неговиот глас, а Тој ги повикува Своите овци по име и ги изведува. Кога ќе ги изведе сите Свои овци, Тој оди пред нив, а Неговите овци Го следат, бидејќи Му го познаваат гласот. Тие никогаш нема да следат туѓинец[a], туку ќе бегаат од него, бидејќи не му го познаваат гласот.“ Исус им ја кажа оваа алегорична приказна, но тие не разбраа што сакаше да им каже.

Тогаш Исус повторно им рече: „Ве уверувам дека Јас сум вратата за овците. Сите[b] што дојдоа пред Мене беа крадци и разбојници, но Божјите овци не ги послушаа. Јас сум вратата. Секој што ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; ќе може да влегува, да излегува[c] и да наоѓа пасиште. 10 Крадецот доаѓа само за да украде, да убие и да уништи. Јас дојдов за да дадам живот - и тоа живот во сета негова полнота.

11 Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир го дава Својот живот за овците. 12 Наемникот не е вистински пастир; овците не се негови, и кога тој ќе забележи дека се приближува волк ги остава овците и бега. Тогаш волкот го напаѓа стадото и го распрснува. 13 Наемникот бега, зашто е наемник и не му е грижа за овците.

14 Јас сум добриот Пастир. Јас ги познавам Моите овци и тие Ме знаат Мене, 15 како што Таткото Ме знае Мене, и како што Јас Го знам Таткото. И Својот живот го давам за овците. 16 Имам и други овци, кои не се од ова стадо. И нив треба да ги приберам, кога ќе го слушнат Мојот глас. Тогаш ќе има едно стадо и еден Пастир. 17 Таткото Ме сака, бидејќи Јас го давам Својот живот за повторно да си го земам. 18 Никој не ми го одзема животот, туку Јас доброволно го давам. Имам моќ да го дадам Својот живот и имам моќ повторно да си го вратам. Ова овластување го примив од Мојот Татко.“

19 Заради овие зборови на Исус, повторно се појави раздор меѓу еврејските верски водачи. 20 Многумина од нив велеа: „Обземен е од демон! Полудел! Зошто Го слушате!?“

21 Други, пак, велеа: „Овие зборови не се зборови на човек обземен од демон! Може ли човек што е обземен од демон да им ги отвора очите на слепи луѓе!?“

Исус е отфрлен

22 Беше зима и во Ерусалим се славеше празникот Ханука[d]. 23 Исус се шеташе во храмот, под Соломоновиот трем. 24 Еврејските верски водачи се насобраа околу Него и Го прашаа: „До кога ќе не држиш во неизвесност? Ако си Ти Месијата, кажи ни отворено!“

25 Исус им одговори: „Јас ви кажав, но вие не верувате. Делата[e], што ги вршам во името на Мојот небесен Татко, покажуваат кој сум Јас. 26 И покрај тоа, вие не верувате, зашто не сте од Моите овци[f]. 27 Моите овци го познаваат Мојот глас. Јас ги познавам, а тие Ме следат. 28 Јас им давам вечен живот и тие никогаш нема да згинат. Никој не може да ги грабне од Мојата рака. 29 Мојот Татко, Кој Ми ги даде, е посилен од сите[g]. Никој не може да ги грабне од раката на Мојот Татко. 30 Јас и небесниот Татко сме едно.“

31 Еврејските верски водачи повторно грабнаа камења, за да Го каменуваат. 32 Исус им рече: „По упатство на Мојот небесен Татко направив многу добри дела со кои им помогнав на луѓето. Поради кое од тие добри дела Ме каменувате?“

33 Еврејските водачи Му одговорија: „Не Те каменуваме поради добрите дела, туку поради богохулство, зашто, иако си човек, се правиш Бог!“

34 Исус им одговори: „Зар не е запишано во вашиот Закон[h] дека Бог вели за народните водачи: ,Јас реков, богови[i] сте‘? 35 Ако Бог ги нарече богови оние на кои им беше дадена Божјата порака (а знаеме дека тоа што го вели Светото Писмо е секогаш точно), 36 како, тогаш, вие велите за Оној што Таткото Го освети и испрати во светот, дека хули на Бога, затоа што рекол ,Јас сум Божјиот Син‘? 37 Ако Јас не го правам истото она што го прави и Мојот небесен Татко, тогаш немојте да Ми верувате. 38 Но, ако го правам истото, тогаш, дури и да не Ми верувате Мене, верувајте им на делата, за да сфатите[j] еднаш засекогаш дека Таткото е во Мене и Јас сум во Таткото!“ 39 Тогаш тие уште еднаш се обидоа да Го уапсат, но Тој им се истргна од рацете и си замина.

40 Потоа Исус повторно отиде од другата страна на реката Јордан, на местото каде што Јован Крстител во почетокот крштаваше, и таму остана. 41 Многумина доаѓаа кај Него и велеа: „Јован не направи ниту едно чудо, но се што рече Јован за овој човек беше вистина.“ 42 И голем број луѓе таму поверуваа во Исус.

Footnotes

  1. Јован 10:5 Буквално: друг човек.
  2. Јован 10:8 Сите: се мисли на сите лажни пророци.
  3. Јован 10:9 Што значи: ќе биде сосема слободен.
  4. Јован 10:22 Или: Празникот на Осветување.
  5. Јован 10:25 Се мисли на чудата.
  6. Јован 10:26 Некои значајни ракописи содржат: не сте од Mоите овци, како што ви реков.
  7. Јован 10:29 Некои значајни ракописи содржат: Она што Мојот Татко Ми го даде е поголемо од се, и никој не може да ги грабне од раката на Мојот Татко.
  8. Јован 10:34 Се мисли на Тората, Мојсеевиот Закон, т.е. Петте Мојсееви книги од Стариот завет.
  9. Јован 10:34 Види 2. Мојсеева 7:1 и Пс. 82:6.
  10. Јован 10:38 Некои значајни ракописи содржат: за да познаете и да поверувате...