Add parallel Print Page Options

Грижа за чиста вера

Сакам да знаете низ колкава агонија минувам заради вас, заради христијаните во Лаодикеја и заради сите други христијани што досега не ме имаат ни сретнато. Целта ми е да ги охрабрам, сплотени во љубов целосно да ја разберат Божјата тајна, а тоа е Христос, за да сфатат какво богатство е човек да ја има таа сигурност. Во Христос се кријат сите ризници на Божјата мудрост и знаење!

Ви го кажувам ова за да не дозволите никој да ве разубедува и да ве измами. Иако не сум меѓу вас, постојано ве имам во мислите. Мило ми е што гледам дека живеете уредно и дека вашата вера во Христос е цврста.

Христос, а не обичаи, храна или слави

Вие Го прифативте Исус Христос како свој Господ. Продолжете да живеете во послушност спрема Него. Пуштете корени во Него, од Него црпете, за да растете и да се зацврстувате во верата, онака како што ве учевме. Бидете Му бесконечно благодарни на Господ.

Не дозволувајте никој да ве заведува со бесмислено филозофирање и со празни лаги, кои произлегуваат од чисто човечки обичаи, од овоземните принципи[a], а не од Христос, зашто Бог во целост е присутен во Христос[b] во облик на човечко тело, 10 па и вие сте целосни личности, преку сојуз со Него. Тој е Господар[c] над сите сили и власти. 11 Преку духовно обрежување, Христос ја отстрани од вас вашата грешна природа, исто како што при телесното обрежување се отстранува едно делче од телото. 12 Кога се крстивте, вие всушност се погребавте со Христос, а потоа воскреснавте, бидејќи верувавте во Божјата сила што Го воскресна Христос од мртвите. 13 Вие бевте мртви поради гревовите во вас, зашто вашата грешна природа не беше отстранета од вас. Но Бог ве оживеа, заедно со Христос! Тој ни ги прости сите наши гревови.

14 Бог ја избриша обврзницата со нашите долгови, според чии одредби ние бевме должници. Тој ја зеде и ја уништи, приковувајќи ја на Христовиот крст. 15 Така Бог ги разоружа сите зли владетели и власти, и јавно ги посрамоти, поразувајќи ги со Христовата жртва на крстот.

16 Затоа, не дозволувајте никој да ве обвинува за она што го јадете и пиете[d], за тоа дали ги славите празниците, дали ја славите Младата месечина и саботата. 17 Тие нешта беа само сенка на она вистинското што требаше да дојде, а тоа е Христос.

18 Не дозволувајте да ве тераат да се самопонижувате и да обожавате ангели, дури и ако тврдат дека за тоа добиле виденија. Тие луѓе се прават многу понизни, но нивните грешни умови се полни со суета и горделивост. 19 Тие веќе не се поврзани со Христос, Кој е глава на телото. Тој му дава сила на телото, и преку неговите жили и лигаменти го држи цврсто обединето. Тоа духовно тело може да расте само ако се храни од Бог.

20 Вие умревте со Христос и ослободени сте од начинот на кој живеат световните луѓе. Зошто тогаш дозволувате да ви наметнуваат вакви догми: 21 „Тоа не смее да се фаќа[e]!“, „Тоа не смее да се јаде!“, или „Тоа не смее ни да се допре!“? 22 Тоа се само уредби и учења наметнати од луѓе, а се однесуваат на распадливи нешта, на работи што ги употребуваме[f]. 23 Иако на прв поглед се чини мудро да се придржувате до тие правила, бидејќи повикуваат на побожност, понизност и строгост спрема телото, со нив не можат да се победат грешните телесни страсти[g].

Footnotes

  1. Колошаните 2:8 Или: основните принципи на овој свет.
  2. Колошаните 2:9 Во грчкиот текст: во Него телесно живее целата полнота на Божественоста.
  3. Колошаните 2:10 Во грчкиот текст: глава.
  4. Колошаните 2:16 Или преносно: никој нема право да ви одредува што смеете да јадете и пиете, а што не.
  5. Колошаните 2:21 Преносно може да се однесува на забраната Евреите да јадат, или да се мешаат со неевреи.
  6. Колошаните 2:22 Или: И да ги послушате, од тоа нема да имате никаква корист. Тоа се само правила и учења воспоставени од луѓе.
  7. Колошаните 2:23 Или: со нив се задоволуваат само телесните луѓе.