Add parallel Print Page Options

Исус нахранува 4.000 души

(Мт. 15:32-39) Набргу потоа, многуброен народ одново се насобра околу Исус. Луѓето не носеа храна со себе, па Исус ги повика Своите ученици и им рече: „Жал ми е за луѓево; веќе три дена постојано се со Мене, а немаат храна. Некои од нив живеат далеку и ако ги пуштам да си одат гладни, ќе премалат по патот!“

Учениците Му одговорија: „Местово е пусто; каде ќе најдеме храна да нахраниме толку народ!?“ „Колку леба имате?“ - ги праша Исус. „Седум леба“ - одговорија тие. Откако Исус го поседна народот по земјата, ги зеде седумте леба и ги благослови. Потоа ги раскрши на парчиња и им ги подаваше на учениците да му ги разделуваат на народот. Имаа и малку риби и откако Исус ги благослови и нив, им рече на учениците да им ги разделат на луѓето.

Сите се најадоа до наситување, а собраа и седум кошници остатоци од храната. Присутните беа на број околу четири илјади души. По ова, Исус го испрати народот да си оди.

10 Веднаш потоа, придружуван од Своите ученици, Исус се качи на едно бротче и отплови во месноста Далманута.

Фарисеите бараат натприроден знак

(Мт. 16:1-4) 11 Група фарисеи дојдоа кај Исус и почнаа да се расправаат со Него. Со намера да Го искушуваат, тие бараа од Него да им изведе некое чудо со кое ќе докаже дека Тој доаѓа од небото. 12 Исус длабоко воздивна и рече: „Зошто постојано барате некаков чудотворен знак? Ве уверувам дека на вашата генерација таков знак нема да и се даде!“ 13 Потоа ги остави, се качи на бротчето и отплови на спротивната страна од езерото.

Алегоријата со квасецот

(Мт. 16:5-12) 14 Учениците на Исус заборавија да понесат леб со себе; во бротчето имаа само еден леб. 15 Исус им рече: „Внимавајте и чувајте се од квасецот на фарисеите[a] и на Ирод!“ 16 Разговарајќи меѓу себе, учениците заклучија: „Ни приговара зашто заборавивме да земеме леб!“

17 Но Исус, знаејќи што мислат, им рече: „Зошто го поврзувате ова со тоа што немате леб!? Како не можете веќе да сфатите!? Зар умовите ви се заспани!? 18 Имајќи си очи, не гледате, и имајќи си уши, не слушате! 19 Помните ли колку кошници ви останаа кога со пет леба нахранив пет илјади души?“ Тие Му одговорија: „Дванаесет!“ 20 Исус продолжи: „А колку кошници ви останаа кога со четири леба нахранив четири илјади души?“ Тие Му одговорија: „Седум!“ 21 „Сe уште не разбирате[b], нели?“ - им рече Исус.

Исус исцелува слеп човек во Бетцаида

22 Кога Исус и Неговите ученици отидоа во селото Бетцаида, некои луѓе Му донесоа еден слеп човек и Го молеа со допир да го излекува. 23 Исус го фати за рака и го изведе надвор од селото. Потоа со плунка му ги намачка очите и го праша дали нешто гледа. 24 Човекот го поткрена погледот и рече: „Гледам луѓе, но ги гледам нејасно како дрвја во движење.“ 25 Со Своите раце Исус повторно му ги допре очите. Тогаш човекот наполно прогледа и сe гледаше јасно. 26 Исус му рече: „Сега можеш да си одиш дома, но не наминувај во селото да раскажуваш за ова!“

Кој е Исус? Одговорот на Петар

(Мт. 16:13-20; Лк. 9:18-21) 27 Исус и Неговите ученици заминаа по селата во околината на градот Цезареја Филипова. Додека патуваа, Исус ги запраша: „За кого Ме сметаат луѓето?“

28 Учениците одговорија: „Едни мислат дека си Јован Крстител или пророкот Илија; други мислат дека си некој од древните пророци.“

29 Тогаш Исус ги праша: „А за кого Ме сметате вие?“

Петар одговори: „Ти си Месијата!“

30 Исус им забрани да им кажуваат на луѓето за Него.

Исус првпат ја навестува Својата смрт

(Мт. 16:21-23; Лк. 9:22-27) 31 Оттогаш Исус почна да им кажува што сe ќе се случи со Него. Им кажа дека Него, Синот Човечки, Го очекуваат големи страдања, дека Тој ќе биде отфрлен од народните водачи, од свештеничките поглавари и од вероучителите, дека тие ќе Го убијат, но и дека по три дни Тој ќе воскресне. 32 За сето ова им говореше многу отворено.

Тогаш Петар Го повлече Исуса настрана, укорувајќи Го дека така зборува. 33 Исус се сврте кон Своите ученици, а потоа со строг глас му рече на Петар: „Бегај од Мене, Сатано! Тоа што го велиш е човечко размислување, а не Божјо!“

Трнлив пат за Исусовите следбеници

(Мт. 16:24-26) 34 Тогаш Исус ги повика Своите ученици и народот поблиску до Себе и им рече:

„Тој што сака да стане Мој следбеник треба да се откаже од своите себични амбиции, да си го понесе својот крст и да тргне по Моите стапки. 35 Зашто, секој што сака да си го запази животот[c] само за себе - ќе го загуби; а ако Ми го посвети Мене и на Евангелието - ќе го зачува. 36 Каква ќе му биде ползата на човекот, ако и сиот свет го добие, а својата душа ја загуби!? 37 Има ли нешто повредно од твојата душа?

38 Нема причина да се срамите од Мене и од Моето учење пред овој неверен и грешен свет, зашто инаку и Јас, Синот Човечки, ќе се засрамам од вас кога ќе се вратам во сета слава на Мојот небесен Татко, во придружба на светите ангели!“

Footnotes

  1. Марко 8:15 За фарисеите види фуснота во Мт. 3:7.
  2. Марко 8:21 Исус им говори да се чуваат од учењето на фарисеите и иродовците (Мт. 16:12).
  3. Марко 8:35 Буквално: душата. Во грчкиот текст: психе.