Add parallel Print Page Options

СЕДУМ СПОРЕДБИ ЗА НЕБЕСНОТО ЦАРСТВО

13 Истиот ден Исус излезе од куќата и седна на брегот на езерото. Околу Него се насобра голема толпа народ и Тој се искачи и седна на едно бротче, а народот остана да стои на брегот. И му говореше за многу нешта, користејќи се со споредби.

1. Споредба со сејачот, семето и почвата

„Еден сејач излезе да сее на својата нива.

Сеејќи така, дел од семето падна на тврда почва, покрај патот; долетаа птици и го исколваа.

Друг дел од семето падна на каменеста почва, каде што имаше малку земја, и тоа брзо никна бидејќи земјата беше плитка. Но штом запече сонцето, стебленцето свена и се исуши, бидејќи немаше доволно длабоки корени за да го одржат во живот.

Трет дел од семето падна меѓу трње. Кога пораснаа трњето - го задушија стебленцето.

Конечно, дел од семето падна на плодна почва и донесе плод: едно стебло роди сто, друго шеесет, а трето триесет зрна. Ако имате уши, слушајте внимателно!“ - заклучи Исус.

Зошто преку споредби?

(Мк. 4:10-12; Лк. 8:9-10) 10 Тогаш на Исус Му пристапија Неговите ученици и Го запрашаа: „Зошто му зборуваш на народот преку споредби?“ 11 А Тој им одговори: „Вам ви е дадено да ги запознавате тајните на небесното царство, но ним не им е. 12 Зашто, на оној што е отворен за она што Јас го поучувам, ќе му биде дадено уште подлабоко разбирање; а на оној што не сака да Ме слуша, ќе му се земе и она што го има. 13 Им зборувам преку споредби бидејќи тие, имајќи очи, не гледаат, и имајќи уши - не слушаат, ниту пак се трудат да разберат. 14 Кај нив се исполнува претскажаното од Бог преку пророкот Исаија, кој вели:

,Ќе го слушате Моето Слово, но нема да го разберете;

ќе ги гледате Моите дела, но нема да ги сфатите.

15 Зашто, срцата на овие луѓе им се закоравени!

Со ушите одвај слушаат, а очите си ги затвораат.

Не сакаат да видат,

да слушнат и да разберат, па да се свртат кон Мене за да ги исцелам[a].‘

16 А блазе си ви вам, зашто вие гледате и слушате! 17 Ви велам дека многу пророци и многу праведници имаа желба да го видат тоа што вие го гледате, но не го видоа, и да го чујат тоа што вие го слушате, но не го слушнаа.“

Исус објаснува: срцата се како почва

(Мк. 4:13-20; Лк. 8:11-15) 18 „Чујте го сега значењето на споредбата со сејачот.

19 Тврдата почва покрај патот ги претставува оние луѓе што ја слушаат пораката за небесното царство, но не се трудат да ја разберат. Ѓаволот[b] доаѓа и го отстранува посеаното кај нив.

20 Каменестата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и со задоволство ја примаат; 21 меѓутоа, бидејќи таа во нив не се закоренува, тие остануваат верници само за кратко: штом надојдат неволи или прогонства поради верата во Божјата порака, тие веднаш се откажуваат.

22 Трнливата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака, но прекумерната грижа за овој живот, како и занесот по збогатување ја задушуваат пораката во нив и тие остануваат бесплодни.

23 Плодната почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и се трудат да ја разберат. Тоа семе ќе донесе плод: некаде по сто, некаде по шеесет, а некаде по триесет зрна.“

2. Споредба со каколот

24 Потоа Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со човек што посеал чисто пченично семе во својата нива. 25 Но, додека луѓето спиеле, дошол неговиот непријател, посеал какол меѓу пченицата и си заминал. 26 Кога посеаното порасна и заврза плод, се покажа и каколот. 27 Дојдоа слугите кај домаќинот и му рекоа: ,Господару, зар ти не беше посеал чисто семе на твојата нива? Од каде сега се појави овој какол?‘ 28 А тој им одговори: ,Тоа ми го направи непријателот!‘ Тогаш слугите му рекоа: ,Сакаш ли да појдеме и да го искорнеме каколот?‘ 29 ,Немојте‘ - им одговори тој - ,зашто, корнејќи го каколот, со него ќе го искорнете и житото.‘ 30 Оставете ги, нека растат заедно до жетвата. Тогаш ќе им наредам на жетварите: ,Издвојте го најнапред каколот, врзете го во снопови и изгорете го, а житото соберете го во Моите складови!‘“

3. Споредба со синаповото зрно

(Мк. 4:30-32; Лк. 13:18-19) 31 Потоа, Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со синапово зрно што некој ќе го посее во својата нива. 32 Иако тоа е најмало од сите семиња, кога ќе порасне, ги надвишува сите градинарски растенија и станува дрво на кое и птиците слетуваат и си свиваат гнезда на неговите гранки.“

4. Споредба со квасецот

(Лк. 13:20-21) 33 Исус им кажа и ваква споредба: „Небесното царство може да се спореди со квасец што жената го замесува со три мери брашно, по што целото тесто нараснува!“

За проповедањето преку споредби

(Мк. 4:33-34) 34 Исус се користеше со споредби за да му го објасни на народот сето ова и ништо не им говореше без споредби. 35 Со тоа се исполнуваа Божјите зборови претскажани преку пророкот:

„Ќе им говорам преку споредби,

ќе им ги објавам тајните што беа скриени

од создавањето на светот[c].“

Исус ја објаснува споредбата со каколот

36 Тогаш Исус го пушти народот да се разотиде, а Тој се врати дома. Таму Му пристапија Неговите ученици и Му рекоа: „Објасни ни ја споредбата за каколот на нивата.“ 37 Исус им одговори: „Човекот што сее чисто семе сум Јас, Синот Човечки. 38 Нивата го претставува светот. Чистото семе ги претставува следбениците[d] на Божјото царство. Каколот ги претставува следбениците на Ѓаволот[e]. 39 Непријателот што го сее каколот е Ѓаволот. Жетвата е крајот на светот, а жетвари се ангелите. 40 Како што каколот се собира и се фрла в оган, така ќе биде и на крајот на светот. 41 Јас, Синот Човечки, ќе ги испратам Своите ангели да ги соберат сите оние кои поттикнуваат на грев и сите злосторници; 42 тие ќе ги фрлат во огнена печка, каде што ќе има пискоти и крцкање со заби. 43 Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонца во царството на Својот небесен Татко. Кој има уши, нека слуша!“

5. Споредба со скриеното богатство

44 „Небесното царство може да се спореди со богатство скриено во нива. Човекот што ќе го пронајде повторно го закопува и сиот радосен оди и продава се што поседува и ја купува таа нива.“

6. Споредба со бисерот

45 „Понатаму, небесното царство може да се спореди со трговец што трага по најскапоцениот бисер; 46 кога ќе го најде, тој оди и продава се што има и го купува.“

7. Споредба со рибарската мрежа

47 „Понатаму, небесното царство може да се спореди со голема рибарска мрежа што се фрла в море, при што зафаќа секаков вид риби. 48 Кога мрежата ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот, седнуваат, и добрите риби ги издвојуваат во кошеви, а лошите ги фрлаат. 49 Така ќе биде и на крајот на светот: ќе излезат ангелите, ќе ги издвојат грешниците од праведниците, 50 и ќе ги фрлат во огнена печка, каде што ќе има пискоти и крцкање со заби.“

Спрега меѓу Стариот и Новиот завет

51 „Го разбравте ли сето ова?“ - ги запраша Исус. „Да!“ - Му одговорија тие. 52 А Тој им рече: „Тогаш, секој вероучител којшто станал ученик на небесното царство може да се спореди со домаќин кој од своите ризници ќе може да извади и ново[f] и старо.“

Исус се враќа во Назарет, но не е прифатен

(Мк. 6:1-6; Лк. 4:16-30) 53 Штом Исус заврши со изложувањето на споредбите, си замина оттаму, 54 и се врати во Назарет - своето поранешно живеалиште, каде што го поучуваше народот по синагогите[g]. Сите што Го слушаа се чудеа и говореа: „Каде се стекнал овој човек со олкава мудрост и моќ да прави чуда? 55 Зар Тој не е синот на дрводелецот? Нели му е мајка Марија и нели му се браќа Јаков, Јосиф, Симон и Јуда? 56 Нели се меѓу нас и сите Негови сестри? Каде ли се здобил овој човек со сето ова?“ 57 Жителите на Назарет Го пречекаа со сомневања. Тогаш Исус им рече: „Пророкот останува без признание единствено во својот град и во своето семејство.“ 58 И бидејќи Го дочекаа со недоверба, Тој не направи таму многу чуда.

Footnotes

  1. Матеј 13:15 Исаија 6:9,10; Дела 28:26-27.
  2. Матеј 13:19 Буквално: Лукавиот.
  3. Матеј 13:35 Псалм 78:2.
  4. Матеј 13:38 Во оригиналот: синовите, овде преведено со следбениците.
  5. Матеј 13:38 Во оригиналот: синовите на Злиот.
  6. Матеј 13:52 Кога човек што ги знае старозаветните вистини ќе ги прифати и новозаветните, ќе може правилно да ги објаснува Божјите вистини.
  7. Матеј 13:54 Види појаснување во Мт. 4:23, фуснота.