Add parallel Print Page Options

Не бидете критични, туку самокритични

(Лк. 6:37-38; 41-42) „Не осудувајте други, па и вие нема да бидете осудувани. Зашто, како што ќе судите вие, така и вам ќе ви биде судено; со каква мера ќе мерите, со таква и вам ќе ви се мери. Не гледај ја раската во окото на твојот ближен, туку гледај ја гредата во сопственото око! Како можеш да му кажеш на својот ближен: „Дај да ти ја извадам раската од окото“, кога ти не ја гледаш гредата во сопственото око!? Тоа е лицемерство! Отстрани си ја најнапред гредата од сопственото око, па ќе можеш добро да гледаш за да ја отстраниш раската од окото на твојот ближен!“

„Не давајте им го на пците тоа што е свето; не фрлајте бисери пред свињи, зашто тие ќе ги изгазат, а пците, пак, и врз вас ќе се нафрлат!“

Молете, барајте и чукајте

(Лк.11:9-13) „Молете и ќе добиете; барајте и ќе најдете; почукајте и ќе ви биде отворено, бидејќи, секој што моли - ќе добие; оној што бара - ќе најде; на оној што чука - ќе му биде отворено. Има ли меѓу вас некој, кој на својот син би му дал камен, ако тој моли за леб? 10 Или да му подаде змија, ако тој моли за риба!? 11 Па, кога вие, коишто сте грешни, знаете да им давате добри подароци на своите деца - колку повеќе и подобри нешта ќе добие од својот небесен Татко оној што ќе Го замоли!“

Златното правило на животот

(Лк. 6:31; Рим. 13:8-10; Гал. 5:14) 12 „Постапувајте со луѓето онака како што сакате тие да постапуваат со вас - тоа е суштината на Мојсеевиот Закон и на она што го проповедаа пророците.“

Тесен е патот кон небото

13 „Влезот во Божјото царство е низ тесна врата, а мнозинството луѓе одат по широкиот и лесен пат кој води во пропаст! 14 А мала е вратата и тесен е патот што водат во вечен живот, и мал број луѓе го наоѓаат.“

За лажните пророци

(Лк.6:43-45) 15 „Чувајте се од лажни пророци; тие доаѓаат кај вас во овча кожа, но однатре се грабливи волци. 16 По нивните плодови ќе ги распознаете: трнот сигурно не раѓа грозје, ниту пак чичката раѓа смокви! 17 Секое питомо дрво раѓа питоми плодови, а секое диво дрво раѓа диви плодови. 18 Од питомото дрво не може да произлезе див плод, ниту пак од дивото дрво може да произлезе питом плод. 19 А дрвјата кои не раѓаат питоми плодови се сечат и се горат! 20 Така, значи, по нивните плодови ќе ги распознаете.“

Вистински и лажни верници

(Лк. 6:47-49; 13:25-27) 21 „Во небесното царство нема да влезе секој човек што ми се обраќа со ,Господе, Господе‘, туку само оние кои го извршуваат она што од нив го бара Мојот небесен Татко. 22 Кога ќе дојде Судниот ден, мнозина ќе ми велат: ,Господе, Господе! Ние во Твое име пророкувавме, во Твое име демони протерувавме и во Твое име чуда правевме!‘ 23 Тогаш Јас ќе им речам: ,Никогаш не Сум ве познавал! Тргнете се од Мене вие кои ги кршевте Божјите закони!‘“

24 „Секој што ги слуша Моите зборови и ги извршува е мудар и може да се спореди со човек, кој си гради куќа врз камена подлога; 25 кога ќе заврнат поројни дождови, ќе надојдат реките, или силен виор ќе ја погоди куќата, таа нема да се урне, бидејќи е изградена врз камена подлога.

26 А секој што ги слуша Моите зборови, а не ги извршува е глупав и може да се спореди со човек, кој си гради куќа врз песок; 27 кога ќе заврнат поројни дождови, ќе надојдат реките, или силен виор ќе ја погоди куќата, таа ќе се урне со стравотен тресок!“

28 Кога Исус го заврши својот говор, народот беше восхитен од начинот на кој Тој го поучуваше, 29 зашто, за разлика од вероучителите[a], Тој го поучуваше со вистински авторитет.

Footnotes

  1. Матеј 7:29 Појаснување во Мт. 2:4, фуснота.