Add parallel Print Page Options

ПИСМА ДО СЕДУМТЕ ЦРКВИ

1) До изладената црква во Ефес

До гласникот[a] на црквата во Ефес, напиши го следново:

Ова ви го порачува Оној што ги држи седумте ѕвезди во Својата десна рака и што оди меѓу седумте златни свеќници:

Познати Ми се вашите дела, труд и трпение. Знам дека не поднесувате зли луѓе. Кога некои луѓе се прикажувале за апостоли, а не биле, вие сте ги провериле и сте утврдиле дека тие се лажливци. Непоколебливи и неуморни сте, иако имате претрпено многу заради Мене[b].

Но имам нешто против вас: Вие веќе немате таква љубов спрема Мене, каква што имавте на почетокот! Присетете се кај бевте, а кај паднавте сега! Покајте се и постапувајте како на почетокот! Инаку, ако не се покаете, ќе дојдам кај вас и ќе ви го земам свеќникот! Сепак, ова ви е добро: го мразите она што го прават николаитите[c], како што и Јас го мразам.

Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите! На оние што ќе извојуваат победа, ќе им дадам да јадат од животодавното дрво што се наоѓа во Божјата градина[d].

2) До прогонетата црква во Смирна

До гласникот[e] на црквата во Смирна, напиши го следново:

Ова ви го порачува Првиот и Последниот - Оној што умре и оживе:

Знам за вашите страдања и сиромаштија, но вие сте богати! Знам и за навредите што ви ги нанесуваат луѓе кои себеси се сметаат за Божји народ[f], а не се! Тие се сатанско собрание!

10 Не плашете се од страдањата што ве очекуваат. Наскоро, Ѓаволот некои од вас ќе искуша, фрлајќи ги в затвор. Ќе страдате „десетина дена“. Останете Ми верни дури и ако ве осудат на смрт и Јас ќе ве наградам со венецот[g] на животот!

11 Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!

3) До попустливата црква во Пергам

12 „До гласникот[h] на црквата во Пергам напиши го следново:

Ова ви го порачува Оној што држи двострано остар меч:

13 Знам дека живеете во престолнината на Сатаната! Знам и дека цврсто се држите до верата во Моето име. Таму, во жилиштето на Сатаната, вие не се откажавте од верата во Мене ни тогаш кога од вас го зедоа Мојот верен слуга Антипа и го убија.

14 Но имам неколку забелешки против вас: меѓу вас има следбеници на учењето на Балаам[i]. Тој беше оној што го подучи Балак да ги заведе Израелците да јадат месо жртвувано на идоли и да блудничат. 15 Некои од вас, пак, се следбеници на николаитите[j]. 16 Покајте се! Ако не, ќе дојдам кај вас и ќе војувам против тие луѓе со зборови[k] што ќе сечат како меч!

17 Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!

4) До компромисната црква во Тијатир

18 „До гласникот[l] на црквата во Тијатир, напиши го следново:

Божјиот Син, чии очи се како огнен пламен, а нозе како блескава бронза, ви го порачува следново:

19 Вашите дела ми се познати. Ги знам љубовта, верноста, службата и трпението ваше. Знам дека напредувате и во последно време имате повеќе достигнувања отколку порано. 20 Сепак, имам една забелешка против вас: вие и дозволувате на Изевела, која самата себеси се нарекува пророчица, да ги заведува Моите следбеници учејќи ги да блудствуваат и да јадат месо жртвувано на идоли. 21 дадов време да се покае, но таа не сака да престане со своето блудство. 22 Внимавајте! Ќе ја казнам со тешка болест што ќе ја врзе за кревет, а нејзините блуднички партнери ќе ги притеснам со големи неволи, доколку не се покаат. 23 Нејзините следбеници ќе ги погубам, за да знаат сите цркви дека Јас Сум Тој што ги суди и мислите и срцата[m]. Со секого од вас ќе постапам онака како што заслужува.

24 А вам останатите во Тијатир, кои не го прифаќате ова погрешно учење и не сте се вклучиле во таканаречените „длабоки тајни“, кои всушност се од Сатаната, ви порачувам дека нема да ви наметнувам дополнителни тешкотии. 25 Само додека се вратам држете се цврсто за учењето што го имате.

26 На оние што ќе излезат како победници - оние што докрај ќе Ми бидат послушни, ќе им дадам власт над народите кои одбиваат да Го почитуваат Бога; 27 тие ќе владеат над нив со железна палка и ќе ги кршат како глинени садови, 28 со иста таква власт каква што примив Јас од Мојот небесен Татко. Ќе им ја дадам и ѕвездата Деница[n].

29 Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!“

Footnotes

  1. Откровение 2:1 Буквално: ангелот. Ангел на грчки значи гласник.
  2. Откровение 2:3 Буквално: заради Моето име.
  3. Откровение 2:6 Денес не се знае многу за николаитите и за нивното учење, но тие се спомнати во смисла на кривоверци. Се смета дека биле следбеници на Николај од Антиохија, спомнат во Делата на апостолите 6:5, кои потоа се изопачиле. Можеби биле претходница на гностиците.
  4. Откровение 2:7 Или: во Божјиот рај.
  5. Откровение 2:8 Буквално: до ангелот.
  6. Откровение 2:9 Буквално: за Евреи, а не се. Во овој контекст изразот Евреи треба да се сфати како теолошка, а не како етничка категорија, односно како Божји народ.
  7. Откровение 2:10 Во тоа време на победниците на трки, војни и сл., околу вратот им ставале венец од цвеќиња, како признание за победата. Таа симболика е искористена и овде и говори за убав, прекрасен живот на небото, што Бог ќе им го даде на Своите верни следбеници.
  8. Откровение 2:12 Буквално: до ангелот.
  9. Откровение 2:14 Детален опис има во 4 Мој. 22-24, а за вината на Балаам, во 5 Мој. 23:4-5; ИН 13:22; 24:9-10, Нехемија 13:2.
  10. Откровение 2:15 За николаитите види фуснота кај 2:6.
  11. Откровение 2:16 Буквално: со меч од Мојата уста.
  12. Откровение 2:18 Буквално: на ангелот. Ангел на грчки значи гласник.
  13. Откровение 2:23 Буквално: Тој што ги испитува бубрезите и срцата.
  14. Откровение 2:28 Во 22:16 Исус е наречен ѕвезда Деница.