Add parallel Print Page Options

Ново небо и нова Земја

21 Потоа видов ново небо и нова Земја. Поранешното небо и поранешната Земја повеќе ги немаше, а и морето исчезна.

Го видов и Светиот град, новиот Ерусалим, како се спушта од небесниот Бог. Беше убав како невеста во свадбена облека, накитена за средба со својот маж. Тогаш еден силен глас извика од престолот: „Еве, Божјото живеалиште отсега е меѓу луѓето! Тој ќе живее меѓу нив, тие ќе бидат Негов народ; Самиот Бог ќе живее со нив. Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи. Нема повеќе да постојат смртта, тагата, плачот и болката, зашто стариот свет неповратно ќе го нема.

Тогаш Оној што седеше на престолот рече: „Еве, се создавам одново. Запиши го тоа што го реков, зашто овие зборови сигурно ќе се остварат!“

Потоа ми рече: „Завршено е! Јас Сум Алфа и Омега, Зачетникот и Завршителот. На секој што е жеден, Јас ќе му подарам вода од изворот на животодавната вода. На сите победници ќе им дадам да ги наследат сите благослови и Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе ми бидат деца.

А оние што од страв се откажуваат од верата во Мене, како и неверниците, неморалните, убијците, блудниците, маѓепсниците, обожавателите на идоли и сите лажговци, ќе завршат во Огненото Езеро полно со запален сулфур. Тоа ќе биде втората смрт.“

Новиот Ерусалим

Потоа дојде еден од седумте ангели што ги држеа седумте садови со седумте последни казни и ми рече: „Дојди да ти ја покажам Невестата - свршеницата на Јагнето.“ 10 Со духот ме пренесе на врвот од една висока планина и ми го покажа Светиот град, Ерусалим, како се спушта од небесниот Бог.

11 Градот болскотеше од Божјата слава со сјај како од скапоцен камен - светкаше како проѕирен јаспис. 12 Околу градот имаше високи и широки ѕидови, со дванаесет порти; пред секоја порта стоеше по еден ангел. На секоја порта беше напишано по едно од имињата на дванаесетте Израелови синови, односно племиња. 13 Три порти беа на источната страна, три на северната, три на јужната и три на западната страна. 14 Градските ѕидови беа поставени врз дванаесет темели; на секој темел беше напишано името на еден од дванаесетте апостоли на Јагнето.

15 Ангелот што зборуваше со мене во раката држеше метар за мерење на градот, на портите и на градските ѕидови. 16 Градот имаше изглед на коцка: должината и височината му беа еднакви. Тој го измери градот и се покажа дека градот е долг[a] 2.220 километри, а исто толку изнесуваа и неговата широчина и неговата височина. 17 Потоа ангелот, користејќи човечки мери, ги измери и ѕидовите: нивната широчина изнесуваше околу шеесет метри[b].

18 Ѕидовите беа изградени од јаспис, а градот - од чисто злато, кое светкаше како кристал. 19 Дванаесетте темели му беа од скапоцени камења[c]. Првиот темел беше од јаспис, вториот од сафир, третиот од ахат, четвртиот од смарагд; 20 петтиот темел беше од оникс, шестиот од карнелијан, седмиот од хризолит, осмиот од берил, деветтиот од топаз, десеттиот од хризопраз, единаесеттиот од хијацинт и дванаесеттиот од аметист. 21 Секоја од дванаесетте порти беше од по едно зрно бисер. Улиците на градот беа од чисто злато, кое светкаше како кристал.

Осветлувањето во градот

22 Во градот не видов храм. Семоќниот Господ Бог и Јагнето беа храм. 23 На градот не му беа потребни ни Сонце ни Месечина за да го расветлуваат, зашто Божјата слава го осветлуваше и Јагнето му беше Светилка.

24 Народите ќе одат по неговата светлина, а земните цареви ќе ја предадат тука својата слава. 25 Портите на градот ќе бидат постојано отворени, зашто таму секогаш е ден, и ноќи нема да има. 26 Сите народи ќе ги донесат славата и почестите во градот. 27 Тие што се недостојни[d], немаат пристап таму: ќе нема погани умови и лажговци. Во градот ќе живеат само оние чии имиња се запишани во Книгата на животот, составена од Јагнето.

Footnotes

  1. Откровение 21:16 Во оригиналот пишува: 12.000 стадии. Бројот може да има симболично значење.
  2. Откровение 21:17 Во оригиналот пишува: 144 лакти. Бројот може да има симболично значење.Инаку, 1 лакт = 44 см.
  3. Откровение 21:19 Украсните камења во стиховите 19 и 20 се со различни бои: јасписот е најчесто безбоен или зелен; сафирот е син, ахатот е најчесто со кафеави шарки, смарагдот е зелен, ониксот е во различни бои, карнелијанот е црвен, хризолитот (или оливин) е маслинено-зелен, берилот е бел, зелен, жолт или син, топазот е жолт, хризопразот е зелен, хијацинтот (или циркон) е црвено-портокалов, аметистот е виолетов.
  4. Откровение 21:27 Буквално: Ништо нечисто нема да влезе таму.