Add parallel Print Page Options

Изворот на животот во градот

22 Потоа ангелот ми ја покажа животодавната река, која беше блескаво-бистра како кристал. Таа извираше од престолот на Бог и на Јагнето и го продолжуваше својот тек по централната улица во градот. На обете страни од реката, по должината на целиот нејзин тек, има насадено дрвја кои раѓаат плодови секој месец - дванаесет пати[a] во годината. Плодовите се животодавни, а лисјата од дрвјата служат за исцелување на народите.

Таму нема веќе да има проколнување[b]. Престолот на Бог и на Јагнето ќе биде во градот. Божјите луѓе ќе Му се поклонуваат на Бог, и ќе Го гледаат Божјото лице, а Неговото име ќе им биде напишано на челата. Таму ноќ ќе нема, а на тамошните жители нема да им треба ни светилка, ни Сонце. Самиот Господ Бог ќе им биде Светлина и тие ќе царуваат во вечни векови.

Исус Христос ќе се врати!

Потоа ангелот ми рече: „Ова што ти го кажувам е вистина и ќе се оствари. Господ Бог, Кој на Своите пророци им открива што ќе се случи во иднината, испрати Свој ангел за да им објави на Своите следбеници што ќе се случи во скорашно време.“

Исус порачува: „Очекувајте Ме, зашто брзо ќе се вратам! Благословен ќе биде секој што се придржува до напишаното во оваа пророчка книга!“

Јас, Јован, го чув и го видов сето ова. Откако го ислушав и видов сето ова паднав ничкум пред нозете на ангелот што ми го беше покажал сето ова, со намера да му се поклонам. Но тој ми рече: „Немој, не прави го тоа! И јас сум само Божји служител, како и ти, како што се и пророците и сите други што им се послушни на зборовите запишани во оваа книга. На Бог поклони Му се!“

10 Уште ми рече: „Не запечатувај ги пророштвата запишани во оваа книга, зашто овие работи наскоро ќе се остварат.

11 Злите луѓе ќе продолжат да вршат зло, испоганетите умови ќе продолжат да се поганат. Но, праведните луѓе ќе продолжат да живеат праведно, Божјите луѓе секогаш ќе бидат свети.“

12 Потоа Исус ми рече: „Очекувајте Ме, зашто наскоро ќе се вратам! Тогаш ќе го наградам секого според делата. 13 Јас Сум Алфа и Омега, Првиот и Последниот, Зачетникот и Завршителот.

14 Благословени ќе бидат оние што ,своите облеки си ги перат‘; тие ќе добијат право да јадат од плодовите на Дрвото на животот и да влезат во градот низ портите. 15 А надвор од градот ќе останат ,кучињата‘, вражачите, блудниците, убијците, обожавателите на идоли и сите што ја сакаат лагата и што лажат.

16 Јас, Исус, испратив Свој ангел по црквите за да ве извести за ова. Јас Сум Потомок[c] од коренот на Давид, Јас Сум сјајната Ѕвезда Деница!“

17 Духот и Невестата[d] велат: „Дојди!“ И секој што ќе го слуша ова, треба да рече: „Дојди!“

18 А испраќам и предупредување до секој што ќе ги чуе пророштвата запишани во оваа книга: Никој ништо да не додава кон ова, зашто на таквиот Бог ќе му ги додаде сите казни опишани во оваа книга! 19 А ако некој одземе нешто од пророчките објави во оваа книга Бог ќе му го одземе правото на пристап до Дрвото на животот и до Светиот град, опишани во оваа книга.

20 Оној што гарантира за вистинитоста на сето ова ни порачува: „Наскоро ќе се вратам!“

Амин! Дојди, Господе Исусе!

21 Господ Исус нека биде милостиво благонаклонет спрема сите[e] вас.

Footnotes

  1. Откровение 22:2 Или: дванаесет видови плодови.
  2. Откровение 22:3 Или: ништо што е од Бог проколнато.
  3. Откровение 22:16 Буквално: Подник (фиданка) од коренот на Давидовиот род.
  4. Откровение 22:17 Црквата, односно, сите вистински христијани. Види 19:7-9.
  5. Откровение 22:21 Во некои ракописи стои: со сите Божји луѓе или со Божјите луѓе.