Add parallel Print Page Options

Свет и богоугоден живот

12 Драги пријатели христијани, имајќи ја предвид Божјата благонаклоност спрема вас, ве молам да ги принесете своите тела како жива жртва, света и пријатна за Бог. Тоа е најдобриот начин да Му служите. Не сообразувајте се со световните луѓе, туку допуштете Бог однатре да ве преобрази така што Тој ќе го промени начинот на кој размислувате. Тогаш ќе можете да согледате што сака Бог да правите, што е добро, пријатно и совршено.

Како Божји гласник, избран врз основа на Неговата благонаклоност, на секој од вас му порачувам дека за себе не треба да има повисоко мислење одошто заслужува. Бидете скромни и проценувајте ја сопствената вредност според големината на верата што Бог ви ја дал. Како што ние во своето тело имаме многу органи и секој орган си има своја улога, така е и со Црквата - телото Христово. Сите ние сме органи на „Христовото тело“ и имаме потреба еден од друг.

Бидејќи Бог ни беше благонаклонет, на секој од нас му даде различни дарби. Ако е некој надарен да пророкува, нека пророкува согласно со верата што ја има. Ако е некој надарен да служи, нека служи; ако е надарен да поучува, нека поучува; ако е надарен да ги охрабрува луѓето, нека го прави тоа. Ако е некој дарежлив, нека дава штедро. Ако раководи, нека раководи најдобро што знае и умее. Ако од милосрдие им помага на луѓето, нека го прави тоа со радост.

Сакајте ги луѓето искрено, а не лицемерно. Мразете се што е зло и решително правете добро[a]. 10 Сакајте се срдечно како браќа. Кога се работи за почести, давајте им предност на другите. 11 Бидете ревносни, а не мрзливи. Служете Му на Господ со пламенен дух.

12 Надежта што ја имате нека ве исполнува со радост. Кога ви е тешко, бидете стрпливи и постојано молете се. 13 Грижете се за потребите на посветените Божји луѓе и бидете гостољубиви.

14 Ако луѓето ве прогонуваат поради вашата вера во Христос, не колнете ги, туку благословувајте ги. 15 Радувајте се со оние што се радуваат, тагувајте со оние што тагуваат. 16 Трудете се да живеете во меѓусебна слога. Не бидете вообразени, туку дружете се со обичните луѓе. Немојте да мислите дека се знаете[b]!

17 Никому не враќајте зло за зло. Трудете се да го правите само она што сите го сметаат за добро. 18 Од ваша страна трудете се да живеете во мир со сите луѓе. 19 Драги пријатели, немојте да се одмаздувате. Препуштете му ја одмаздата на Божјиот гнев. Во Светото Писмо, Господ вели:

„Одмаздувањето е Моја работа.

Јас ќе возвратам[c]!“

20 А ти, напротив, постапувај според учењето на Светото Писмо кое вели:

„Ако твојот непријател е гладен, нахрани го,

ако е жеден, дај му да пие.

Така ќе го засрамиш,

како со вжарени гламни

да си му ја посипал главата[d].“

21 Не дозволувајте злото да ве надвладее, туку вие надвладувајте го злото со добро.

Footnotes

  1. Римјаните 12:9 Побуквално: Оттргнувајте се од злото и прилепувајте се кон доброто.
  2. Римјаните 12:16 Буквално: Не сметајте се за мудреци!
  3. Римјаните 12:19 5 Мојсеева 32:35.
  4. Римјаните 12:20 Поговорки (или: Изреки Соломонови) 25:21, 22.