Add parallel Print Page Options

Сатаната го искушува Исуса

(Мк.1:12-13; Лк.4:1-13) Тогаш Духот го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од Ѓаволот. Откако таму постеше четириесет дни и четириесет ноќи, Тој изгладне. Тогаш искушувачот му пристапи и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, нареди им на камењава да се претворат во лебови!“ Но Исус му одговори: „Светото Писмо вели[a]:

,Човекот не живее само од леб,

туку и од секој збор што произлегува од Божјата уста!‘“

Тогаш Ѓаволот Го одведе Исуса во светиот град (Ерусалим), Го постави на врвот на храмот и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, фрли се долу, бидејќи во Светото Писмо пишува[b]:

,Бог ќе им заповеда на Своите ангели да Те чуваат,

на своите дланки да Те понесат,

за да не ти се препне од камен ногата.‘“

А Исус му одговори: „Но, го пишува и следново: ,Не искушавај Го Господа, твојот Бог!‘“

Уште еднаш Ѓаволот Го искачи на највисоката планина и Му ги покажа сите царства на Земјата со сета нивна слава; и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам Тебе, ако паднеш ничкум и ми се поклониш!“ 10 Но Исус му одговори: „Бегај оттука, Сатано! Светото писмо вели[c]:

,Поклонувај Му се само на Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му!‘“

11 Тогаш Ѓаволот Го остави, а кај Исус дојдоа ангели и Му служеа.

Почеток на Исусовата служба

(Мк.1:14-15; Лк.4:14-15) 12 Кога Исус разбра дека го уапсиле Јован Крстител, се повлече од Јудеја во Галилеја. 13 Тој се исели од Назарет и се насели во Кафарнаум, покрај Галилејското Езеро, на територијата на потомците на Зевулун и Нафтали. 14 Тогаш се исполни претскажаното од пророкот Исаија, кој рече:

15 „Во земјата на Зевулун и Нафтали, крај морето, отаде реката Јордан, во Галилеја, каде што живеат луѓе кои не Го познаваат Бога, 16 народот кој живее во мрак ќе види големо Светило; светлина ќе ги осветли луѓето што живеат во земјата каде што смртта надвиснува со својата сенка.“

17 Оттогаш Исус започна да проповеда, зборувајќи: „Покајте се, зашто небесното царство се приближува!“

Исус ги избира првите ученици

(Мк.1:14-20; Лк.5:1-11) 18 Одејќи по брегот на Галилејското Езеро, Исус виде двајца браќа: Симон - подоцна наречен Петар, и неговиот брат Андреј. Тие поставуваа мрежа во езерото, бидејќи по занает беа рибари. 19 Исус ги повика: „Тргнете по Мене и Јас ќе ве научам како да ловите луѓе!“ 20 Тие веднаш ги оставија своите мрежи и тргнаа по Него.

21 Одејќи понатаму, Исус виде и повика уште двајца браќа: Јаков и Јован, синови на Завдај, кои, заедно со својот татко Завдај се наоѓаа во своето бротче и си ги подготвуваа рибарските мрежи. 22 Тие веднаш ги оставија бротчето и татка си и тргнаа по Исус.

Исус поучува, проповеда и исцелува

23 Исус одеше по цела Галилеја, поучувајќи по синагогите[d], проповедајќи ја Радосната вест[e] за Божјото царство и исцелувајќи секакви болести и заболувања кај луѓето. 24 Гласот за Него се рашири дури и во Сирија и кај Него ги доведуваа сите заболени од разни болести, луѓе обземени со демонски духови, епилептичари и парализирани - и Исус ги исцелуваше. 25По Него тргна голема толпа народ од покраините Галилеја и Декаполис, како и од Ерусалим, од Јудеја и од пределите источно од реката Јордан.

Footnotes

  1. Матеј 4:4 Цитат од 5 Мој. 8:3.
  2. Матеј 4:6 Цитат од Пс. 91 (90) :11.
  3. Матеј 4:10 Цитат од 5 Мој. 6:13
  4. Матеј 4:23 Еден вид цркви, каде што Евреите се собирале секоја сабота на богослужби. Во другите денови се користеле како училишта за деца и места за дружење, средби, говори, итн.
  5. Матеј 4:23 На грчки: Евангелион = Радосна вест.